Зошто да се биде член на Синдикат?
Законот за работни односи ги утврдува минималните права на работниците. Дополнително законот содржи упатни одредби согласно кои тие права можат да се утврдат на повисок степен со општ колективен договор, грански колективен договор односно со колективен договор на ниво на работодавач. Како поединци сигурно дека неможеме многу да влијаеме на работодавачот, но вработените заедно, организирани во синдикати имаат многу поголема преговарачка сила и моќ. Поголемиот број работнички права кој денес се сметаат за ,,САМОРАЗБИРЛИВИ,, како што се: осумчасовното работно време, правото на платено отсуство и платено боледување, правото на платен дневен, неделен и годишен одмор, платено породилно отсуство се директен резултат на долготрајната и макотрпна работа и борбата на синдикатите, почнувајќи од 19 век па наваму. Исто така работничкото движење одиграло клучна улога во воспоставувањето на социјалната држава, односно општество базирано на социјална сигурност во која меѓу другото се вклучени и општото здравствено и пензиско осигурување и правото на надоместок за време на невработеност. Меѓу основните цели на синдикатите денес се вбројуваат претставувањето на работниците пред работодавачот, заштитата и унапредувањето на условите за работа, сигурни и праведни работни места на кои не постои дискриминација по било кој основ, промовирање на општествена и работничка солидарност и градење на општество во кое во пракса ќе биде остварено правото на секој граѓанин на работа, на плата за сработеното од која ќе може достоинствено да живее како и на социјална сигурност во услови на невработеност, болест и старост. Основни начела на демократскиот синдикализам се заедништвото и солидарноста. Дали работодавачот може да ти забрани да се зачлениш во синдикатот? Одговорот е НЕ! Правото на секој работник да се зачлени во синдикат е загарантирано со Уставот и со Законот за работни односи на Република Македонија. Исто така според Законот за работни односи никој неможе да биде ставен во понеповолна положба, да биде дискриминиран или да биде на било кој начин казнет заради членство во синдикат. Синдикатот пред се го чинат неговите членови. Секој член на синдикатот има право да учествува во синдикални активности, да присуствува на синдиклани состаноци и да дава предлози, да бира и да биде биран на синдикална функција или во органите на синдикатот. Силата и позицијата на синдикатот зависи од бројот на неговите членови, но и од нивната подготвеност активно да се вклучат во синдикалната работа и демократските процеси преку органите на синдикатот. Основен услов да може еден синдикат да се вклучи во социјален дијалог и да преговара за склучување на колективен договор односно да биде потписник на колективен договор е тој да е репрезентативен синдикат, односно во него да членуваат најмалку 20% од вкупниот број вработени кај работодавачот односно од вкупниот број вработени на ниво на сектор/оддел. Исто така, со оглед на тоа дека основен извор за финансирање на синдикатот е членарината, што поголем број членови во синдикатот толку поголема финансиска моќ и независност на организацијата во застапувањето и заштитата на правата на своите членови.
5 ПРИЧИНИ: Зошто да бидам ЧЛЕН на САДУ?
Причина бр. 1 – БЕСПЛАТНА ПРАВНА ПОМОШ И СУДСКО ЗАСТАПУВАЊЕ САДУ за своите членови обезбедува бесплатна правна помош, консултации и советувања за нивните права од работен однос, како и бесплатно застапување за цело времетраење на судски спорови во случај на повреда или кршење на нивните права од работен однос.
Причина бр. 2 – ПРАВА ОД КОЛЕКТИВНИ ДОГОВОРИ САДУ се залага за промовирање и унапредување на социјалниот дијалог и колективното преговарање на ниво на установа, и им обезбедува техничка, административна и стручна поддршка на синдикалните претставници на ниво на синдикални организации во процесот на подготвување, потпишување, следење и примена на поединечните колективните договори (на ниво на работодавач), а истовремено се залага за потпишување на грански колективен договор за вработените во државните, правосудните и локалните органи.
Причина бр. 3 – СОЛИДАРНА ПОМОШ САДУ има воспоставен систем на децентрализирано управување со средствата од собраната членарина. Со ваквата синдикална политика се овозможува во секоја синдикална организација да се формира СОЛИДАРЕН ФОНД преку кој им се доделуваат неповратни средства или бескаматни позајмици на сите членови на САДУ на кој им е потребна материјална поддршка во случај на болест и лекување, повреда на работа, набавка на лекови и медицински помагала, елементарни непогоди, смрт на работникот или член на неговото семејство, образование на деца и сл.
Причина бр. 4 – СИНДИКАЛНА ЕДУКАЦИЈА САДУ за синдикалните претставници, повереници и активисти обезбедува синдикална едукација и остручување за синдикална работа и активности, преку нивно организирано вклучување во синдикални школи, семинари, советувања, конференции, трибини и тркалезни маси во земјата и во странство.
Причина бр. 5 – СИНДИКАЛНИ ПОВОЛНОСТИ САДУ по пат на склучување на договори за деловно – техничка соработка со поголем број домашни компании од различни дејности им овозможува на своите членови синдикални поволности односно набавка на стоки и услуги под поволни услови, со одредени попусти, привилегии, и сето тоа на рати преку задршка од плата односно на платен список.
Како да се зачленам во САДУ?
Зачленувањето во САДУ е мошне едноставно. Доколку сакате да се зачлените во САДУ тоа може да го сторите со своерачно потпишување на пристапница која пополнета во два (2) примерока треба да ја доставите на нашата адреса: ул. 50-та Дивизија бр.25 1001 Скопје. Образецот Пристапница можете да го превземете тука.