Денес се одбележува Меѓународниот ден на безбедност и здравје при работа. Оваа година овој ден ќе го посветиме на сите работници кои ги загубија своите животи поради изложеност на корона вирусот на работа.
Поголемиот дел од Европа, но и светот беше во еден вид затвор во текот на оваа криза, а работниците во јавните служби и многу други ги ризикуваат своите животи за да обезбедат водење на основните услуги. Затоа трагичен е податокот за бројот на починати поради корона вирусот. Во таа чест на ниво на ЕПСУ- Европската конфедерација на синдикати од јавниот сектор се оддаде почит за жртвата која ја направија овие работници.
Сепак, 28-ми април не е само ден за одбележување, туку и ден за да не потсети дека сеуште треба да ја водиме борбата за да се обезбеди задоволително ниво на заштита при работа на работното место.
Особено сега кога сме во ек на пандемија се покажа колку всушност безбедноста и здравјето при работа не се на задоволителното ниво во нашата земја. Тука не спаѓа само медицинскиот персонал туку и полицијата, затворските службеници, службениците во државните институции, комуналните работници и други.
Во името на Меѓународниот ден за БЗР оваа година, ЕПСУ објави заедничка изјава со другите европски федерации на синдикатите под мотото ‘Remember the dead – Fight for the living’ (целосната изјава е на следниот линк )
Синдикатот на администрација и државна управа на Македонија и преку целата година не ја заборава важноста на овој ден и продолжува во својата борба за достоинствено работно место кое е безбедно работно место.
Воедно сакаме да изразиме и благодарност до сите вработени кои во оваа тешка работна атмосфера се трудат да ја извршуваат својата работа професионално во отежнати услови и несоодветно ниво на безбедност на работните места.