Оваа година се приклучуваме на виртуелното одбележување на меѓународниот ден на трудот.
Не можеме да се сретнеме на плоштадите или на улиците, ниту пак да го одбележиме денот со марш. Моменталната пандемија со корона вирусот го прави тоа невозможно, но тоа не значи дека и работата на синдикатите прекинала.
ЕПСУ ( European public service union ) го направи виртуелното одбележување на овој ден преку хаштагот #virtualmayday на кој ќе се прикажат сите видеа и настани со кои работниците низ светот се борат за подобра иднина за сите ( Future for All ).
Синдикатот на администрација и државна управа на Македонија во рамките на својата земја се приклучува кон синдикалниот проглас кој го објави Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија со кој се изразува загриженост за лошите економски и социјални состојби во државата и особено за поголемиот дел од работниците чии месечни примања не обезбедуваат ниту минимален животен стандард за нивните семејства. (прочитајте го прогласот на овој линк)
Иако, во последните неколку години се соочуваме со нарушување на работничките права, а особено ќе напоменеме и дека овој период на справување со корона пандемијата е многу тежок период за работниците во Македонија, САДУ ги вложува сите свои напори за да ги зачува, но и подобри работничките права во земјата.
САДУ постојано врши едукација на своето членство за тоа кои се правата, но и обврските на работниците. Постојано ја следи состојбата во јавниот сектор и изнесува свои ставови и иницијативи за справување со секоја ситуација со која се соочуваме. Воедно се приклучува кон сите иницијативи, активности, протести и штрајкови кои ги организира Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија како национален синдикат каде САДУ е еден од гранските синдикати.
Синдикатот на администрација и државна управа на Македонија на сите работници им го честитаме Први Мај – Меѓународниот ден на трудот.