Оваа година Синдикатот на администрација и државна управа со свои претставници зема учество на состанокот од мрежата на млади на EPSU ( Европски синдикати од јавниот сектор ) кој се одржа од 07-09.09.2017 година во Берлин. Состанокот се одржа во зградата каде што е сместена централата на најбројниот синдикат во Германија, ver.di.
Оваа средба на младите се искористи за да се направи идентификација на најзастапените проблеми на младите во врска со вработувањето, едукацијата синдикалното организирање и активност и многу други.

Заклучокот кој беше донесен е дека се задржува низок просек на вработеност на млади лица предизвикан како од одливот на млади луге така и од други причини, намалување на работничките права што станува тренд во последниот период поради што синдикатите повеќе се борат за задржување на веќе постоечките права отколку за нивно зголемување.
Се одредија области во кои најмногу е потребно делување и врз таа основа направени се три работни групи кои понатаму ќе треба да истражат и понудат решенија за постоечките моментални состојби кои се слични меѓусебе во секоја европска држава, како што можеше да се согледа од излагањата на присутните. Присутна на состанокот беше Isolde Kunkel-Weber, Претседател на EPSU која изрази задоволство од одзивот, бидејќи свое учество земаа 55 учесници од 25 земји од 39 различни синдикати од јавниот сектор. Секако присутен беше и Генералниот секретар Jan Willem Goudriaan кој направи осврт на организационата структура на EPSU и улогата на мрежата на млади која делува во склоп на EPSU.

Освен планираните активности учесниците имаа можност заеднички да ги разгледаат и знаменитостите на Берлин, да се дружат и запознаат подобро меѓусебе и земјите од каде што доаѓаат, што е секако една од предностите на ваквите среќавања, а што подоцна ќе помогне во нивната понатамошна работа.
Во склоп на целиот настан се направи и една групна фотографија за солидарност со која се даде поддршка на синдикатите од Грција и Англија кои се борат со реформите, односно со приватизација на енергетската мрежа.








