Синдикатот на администрацијата и државната управа на Македонија (САДУ), како грански синдикат на вработените во јавнaта управа е релативно нов синдикат на македонската синдикална сцена. Синдикатот е основан е на 7 мај 2008 година од страна на синдикалните организации на: Агенцијата за вработување на Република Македонија, Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, Државниот завод за статистика и Казнено поправната установа Затвор – Битола, и е запишан во регистарот на синдикати кој го води ресорното министерство под реден број 21.
Во меѓувреме кон САДУ пристапија голем број на синдикални организации на вработени во јавните, државните и локалните органи во Република Македонија, а проширувањето со нови синдикални организации односно со нови членови е во постојан подем.
Така во моментот САДУ брои преку 3000 членови вработени во државните и локалните органи и други установи (државни и јавни службеници вработени во министерствата, казнено-поправните установи, центрите за социјална работа, Управата за водење на матичните книги, Фондот за здравствено осигурување, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Агенцијата за вработување, Агенцијата за катастар на недвижности, Агенцијата за храна и ветеринарство, локалната самоуправа и други државни органи и тела.
САДУ е самостојна, демократска, независна и непартиска организација на вработените во јавниот сектор во која доброволно се зачленуваат заради застапување, остварување, заштита и унапредување на своите економски, социјални, работно-правни, професионални, образовни, културни и другите поединечни и колективни интереси.
САДУ е рамноправен член на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС), на Меѓународната синдикална организација на синдикатите од јавните служби – PSI и на Европската синдикална организација на јавните служби – EPSU.