Одмор претставува прекин на физичките и интелектуалните, односно работни активности и функции на вработеното лице во текот на работното време.
Секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права не може да се откажат вработените.
Правото на одмор е уставно загарантирано право. Утврдено е во Уставот на Република Македонија член 32, како право од работен однос регулирано во законска норма и е содржано во:
- Законот за работни односи;
- Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството.
- Колективните договори на ниво на гранка, односно дејност;
- Колективен договор на ниво на работодавач;
- Договорот за вработување.
ВРАБОТЕНИОТ ИМ ПРАВО НА:
Пауза
Вработеното лице има право на пауза во траење од 30 минути за време на дневното работно време и тоа во периодот кога работникот работи 6 часа или подолго до 6 часа.
Доколку вработеното лице работи со скратено работно време најмалку 4 часа, дневната пауза е во траење од 15 минути.
Временскиот период во текот на работниот ден кога вработените користат пауза ја одредува работодавачот со Одлука што зависи од процесот на работа, но притоа пожелно е да се практикува паузата да се користи по два часа работа или најдоцна 3 часа пред крајот на работното време.
Времето за пауза во текот на работниот ден се пресметува во работно време и за него се исплатува плата.
Одмор меѓу два работни дена
Вработеното лице има право на дневен одмор непрекинато во два последователни работни дена од најмалку 12 часа.
Неделен одмор
Вработеното лице има право на неделен одмор. Неделниот одмор е вообичаено во недела, но зависно од процесот на работа може да биде во друг ден од неделата. Неделниот одмор е во траење од 24 часа непрекинато. Спомнатите непрекинати 24 часа неделен одмор се надополнуваат со уште 12 часа од дневниот одмор затоа што работникот има право на дневен одмор од најмалку 12 часа непрекинато, а тоа значи вкупно 36 часа.
Годишен одмор
Вработеното лице има право на платен годишен одмор. Ова право, како и претходните права ‒ право на пауза, право на дневен одмор и право на неделен одмор се права загарантирани со Уставот на Република Македонија. Уставот на Република Македонија става посебен акцент на неприкосновеноста на правото на одмор со определба дека од ова право не може да се откаже вработеното лице. Доколку работникот даде изјава дека се откажува од ова право или од паричниот надоместок за годишен одмор – што му следува доколку не го користи годишниот одмор, кажано во правна смисла, таа изјава е ништовна, што значи дека таа не произведува правно дејство, т.е. секоја изјава што би ја потпишало вработеното лице дека се откажува од правото на годишен одмор или од правото да биде платен нема да важи на суд. Ова се однесува и доколку се склучи спогодба меѓу работникот и работодавачот.
- Платениот годишен одмор изнесува најмалку 20 работни дена. Со КД на ниво на гранка, односно дејност, КД на ниво на работодавач или договор за вработување, годишниот одмор може да се продолжи до 26 работни дена. Во Колективните договори на ниво на гранка, односно дејнoст, во КД на ниво на работодавач и во договорот за вработување се утврдени критериуми за определување на должината на годишниот одмор над минимумот од 20 работни дена, и тоа: должината на работното искуство, сложеноста на работните задачи, здравствената состојба на вработеното лице (инвалид на трудот или работник со преостаната работна способност согласно соодветна документација доставена до работодавачот), условите за работа, работник помлад од 18 години.
Доколку се надмине максимумот од 26 работни дена согласно критериумите, должината на годишниот одмор е 26 работни дена. - Законот за работни односи содржи одредби за заштита на повозрасните работници, па, во таа смисла, за оваа категорија повозрасни работници ‒ жена 57-годишна возраст и маж 59-годишна возраст остваруваат право уште на 3 работни дена годишен одмор.
Исто така, ова право на уште 3 работни дена годишен одмор се однесува и на лица што имаат статус на инвалид, работник со најмалку 60% телесно оштетување и работник што негува и чува дете со телесен или душевен недостаток.
Овие статусни лични и сејмени состојби треба да бидат поткрепени со документи што се издадени од надлежни институции. - Вработеното лице што е пријавено дека работи со скратено работно време има право на годишен одмор со минимално времетраење од 10 работни дена.
- Лице, кое првпат заснова работен однос, се стекнува со право на цел годишен одмор кога ќе оствари непрекината работа од најмалку 6 месеци работа кај ист работодавач (без оглед дали работникот работел полно или пократко од полното работно време). Работникот има право на користење пропорционален годишен одмор во вкупен износ од по 2 дена за секој месец работа, доколку во календарската година не се стекнал со право на целосен годишен одмор или му престанал работниот однос пред изминување на рокот, по истекувањето на кој би добил право на целосен годишен одмор.
- Вработеното лице има можност годишниот одмор да го користи во повеќе делови во договор со работодавачот, но еден дел од годишниот одмор мора да трае најмалку две непрекинати работни недели. Работодавачот има законска обврска да му обезбеди на вработеното лице искористување 12 работни дена годишен одмор до крајот на календарската година, а другите неискористени денови да може да се користат до 30 јуни наредната година. Со колективен договор на ниво на работодавач може да се регулира ова право за вработено лице што работи во странство да може да го користи годишниот одмор во целост до крајот на идната година.
- Вработеното лице по правило треба да го користи правото на годишен одмор кај работодавач кај кого го стекнал правото. Во случај на престанок на работниот однос, работодавачот е должен да му издаде потврда на работникот за неискористениот дел од годишниот одмор во тековната година.
- Работникот има право на паричен надоместок на неискористените денови од годишниот одмор само доколку тој го побарал, а не му било овозможено да го користи, а работниот однос му престанал, но не по негова вина или волја. Со исплатата на паричниот надоместок по основ на неискористени денови од годишен одмор, се смета дека работникот целосно го искористил годишниот одмор.
- Пожелно е работодавачот благовремено да подготви план за временскиот период кога вработените ќе ги користат деновите од годишниот одмор и притоа да ги извести. При подготовката на планот потребно е да се има предвид непрекинатото одвивање на работниот процес, можностите за одмор и рекреација, како и личните и сејмените обврски на вработените. Вработеното лице има право да побара да користи 2 дена годишен одмор, денови што самиот ги определува (по потреба), но има обврска 3 дена претходно писмено да го извести работодавачот, без да дава образложение зошто му требаат тие денови.
- Работодавачот е должен на вработеното лице задолжително да му издаде решение за користење годишен одмор, во кое се утврдува колку денови работникот има право на годишен одмор, начинот на негово користење и во кој временски период работникот ќе го користи одморот. Доколку вработеното лице не добие решение, треба писмено да се обрати до работодавачот да му издаде решение.
- Во пресметувањето на времетраењето на годишниот одмор не се пресметуваат празниците што се утврдени со закон, саботите, неделите, случаите на оправдано отсуство. Во текот на користење на годишниот одмор може да се случат и некои состојби од личен семеен карактер што се сметаат за оправдано отсуство и тоа е платено отсуство: селидба, смрт на член на семејството или раѓање, склучување брак. Истото важи и за боледување, кога во текот на користење годишен одмор вработениот поради нарушена здравствена состојба користи боледување, годишниот одмор се прекинува и за тоа треба писмено да го извести работодавачот. Како ден од годишен одмор се смета секој работен ден што е според распоредот на работното време кај работодавачот за конкретниот работник, кој е одреден како работен ден. Односно, ако во неделата работникот има 4 работни дена и три слободни, во годишен одмор се пресметуваат само 4 работни дена.
- Доколку вработеното лице поради одредени лични, сејмени причини (боледување, или повреда, породилно отсуство или нега и чување дете) не можел објективно да го искористи годишниот одмор од календарската година во целост, ова право се префрла за наредната година, но само до 30 јуни.
Платен одмор
Платениот одмор претставува платено отсуство од работа најмногу до 7 работни дена поради некои оправдани лични, сејмени околности. Во ЗРО точно се наведени кои се тие претпоставени можни лични и семејни случувања, а тие се разработени и во колективен договор во смисла на временскиот интервал:
- склучување брак на дете ‒ 2 дена;
- склучување брак ‒ 3 дена;
- селидба во ист град ‒ 1 ден; селидба во друг град ‒ 2 дена;
- посвојување дете ‒ 2 дена;
- елементарни непогоди ‒ 3 дена;
- смрт на баба, дедо или друг член на семејството – 1 ден;
- за полагање испит за потребите на работодавачот ‒ 3 дена, итн.
Вкупниот број денови платен одмор не може да изнесуваат повеќе од 7 дена во тековната година.