Член 28 од ЗРО ја пропишува содржината на Договорот за вработување, односно кои точки мора да ги содржи тој:
- Податоци за договорните страни;
- Датум на стапување на работа (ако овој податок не е наведен, како датум на започнување со работа ќе се смета датумот на потпишување на договорот);
- Назив на работното место и краток опис на работните обврски (ако работодавачот има правилник за систематизација на работните места, може да се назначи бројот на работното место под кое тоа се води во Правилникот за систематизација);
- Информација за ризиците на работното место, доколку постојат такви и за мерките што се преземени во врска со безбедноста и здравјето на работниците;
- Место на вршење на работата;
- Времетраење на работниот однос (ако е склучен на определено време, треба да се наведе точно за колку време се склучува);
- Одредба дали се склучува работен однос на полно или на неполно работно време (ако е неполно, да се наведе бројот на работни часови неделно);
- Одредба за дневно или неделно работно време и негово распоредување (дали се работи во една или во повеќе смени и да се наведе точното време кога почнува и кога завршува смената);
- Висината на основната плата изразена во пари и додатоците;
- Одредба за надоместоците од плата;
- Одмори и паузи (дневни, неделни и годишни);
- Наведување на општите акти на работодавачот во кои се определени условите за работа;
- Начин и услови за престанок на работниот однос и отказен рок;
- Други права и обврски определени со КД или друг закон (забрана за штетно дејствување и надоместок на штета, обврска за чување деловна тајна, конкурентска забрана и конкурентска клаузула).
Натамошните измени во договорот за вработување се вршат со меѓусебна спогодба меѓу работникот и работодавачот и со потпишување Анекс кон договорот за вработување. Усните спогодби се неважечки.