Во периодот од 29 до 31 октомври 2026 година, во хотелот „Молика“ во Битола, се одржа Синдикалната школа за лидери на Синдикатот на администрација, државна управа и правосудство на Македонија – САДУ.
Тридневниот настан ги обедини синдикалните претставници околу заедничка цел: унапредување на лидерските капацитети, зајакнување на синдикалното организирање и стекнување знаења и вештини неопходни за успешно и ефективно синдикално делување во современите услови.
Школата ја отвори претседателот на САДУ, Благоја Ралповски, кој ја претстави структурната поставеност на синдикатот, начините на неговото функционирање, како и стратешките цели и визијата за натамошен развој. Во своето излагање тој ја потенцираше важноста од јасна организациска поставеност и заедничка визија како основа за успешно остварување на синдикалните приоритети.
Значењето на синдикалното организирање и лидерство, со посебен осврт на колективното преговарање и социјалниот дијалог, го разработи проф. д-р Лазар Јовевски. Тој ја нагласи улогата на силното и добро организирано синдикално членство, како и неопходноста од конструктивен дијалог и професионално преговарање во заштитата и унапредувањето на работничките права.

Квалитетното лидерство низ призмата на вредносните принципи, како и динамиката на тимското работење, беа во фокусот на излагањето на проф. д-р Лазар Ѓуров. Посебно внимание беше посветено на препознавањето и надминувањето на пречките во тимското лидерство, при што беше истакнато дека заедничката визија, меѓусебната соработка и чувството на одговорност се клучни за постигнување на заедничките цели.

Со реализацијата на Синдикалната школа за лидери, САДУ ги продолжува своите континуирани активности насочени кон едукација, јакнење на организациските капацитети и негување на силно, одговорно и современо синдикално лидерство.
Инвестицијата во знаење, лидерство и заедништво е инвестиција во посилен синдикат и поефикасна заштита на правата на работниците.













