Во ЗРО, во членовите 108–111, е уредено еднакво плаќање на мажи и на жени.
Работодавачот е должен за еднаква работа со еднакви барања на работното место да исплаќа еднаква плата на работниците без оглед на полот.
VIII глава од Законот за работни односи се однесува на ПЛАЌАЊЕ НА РАБОТАТА. Во неа, во два члена (105 и 106), се утврдува:
- Правото на работникот на заработувачка (согласно закон, колективен договор и договор за вработување).
- Утврдено е дека платата секогаш се исплаќа во парична форма.
- Законот ја дава и структурата на платата што ја формираат:
- основната плата,
- дел од платата за работната успешност и
- додатоците.
- Дадена е можноста работодавачот на работникот да му исплати 13-та плата доколку работодавачот има можност да ја исплати.
Ден на исплаќањето на платата
(1) Платата се исплаќа за периоди што не смеат да бидат подолги од еден месец.
(2) Платата се исплаќа најдоцна 15 дена по изминувањето на исплатниот период.
(3) Ако денот на исплаќањето е слободен ден, платата се исплаќа најдоцна идниот прв работен ден.
(4) Работодавачот е должен претходно писмено да ги извести работниците за денот на исплаќањето и за секоја промена на денот на исплаќањето.
Место и начин на исплаќањето на платата
(1) Работодавачот е должен на работникот да му ја исплати платата на начин утврден со закон.
(2) Работодавачот е должен, при секое исплаќање на платата, како и до 31 јануари во новата календарска година, на работникот да му издаде писмена пресметка на платата, придонесите од плата и надоместоците на платата за платниот период, односно за изминатата година од кои исто така се гледаат и пресметката и плаќањето на даноците и придонесите.
(3) Трошоците во врска со исплатата на платата се на товар на работодавачот.