Мирјана Андреска е нов претседател на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, одлучи мнозинствотот од делегатите на денешниот Трет изборен конгрес одржан во Скопје. Таа го замени досегашниот Претседател на КСС, Раско Мишкоски.
„Ми доверивте огромна одговорност. Доследно ќе работам според програмата на Конфедерацијата и ќе дадам максимум од себе овие задачи и определби да ги зголемам во однос на подобрување на правата на секој работник во Република Македонија“, вети Андреска по изборот пред делегатите на КСС.

Пред изборот за претседател, Андреска, инаку член на потесното раководство на СОНК и наставник во Основното училиште „Владо Тасевски“ во Скопје, вети дека КСС ќе биде место каде што сите синдикални организации ќе добијат безрезервна и целосна поддршка во решавање на сите прашања од синдикалното работење, место каде што активно ќе се учествува во разрешување на проблемите со кои се соочуваат работниците – членови на КСС и место каде што ќе се гради посилна и помоќна синдикална организација.
Освен домашните гости, на Конгресот беа присутни и гости од синдикатите од регионот (Словенија, Бугарија, Србија и Црна Гора) како и претставникот од Европската конфедерација на синдикати Питер Зајденек.