Од 5 до 7 ноември 2026 година, во хотелот „Молика“ во Битола, се одржа Синдикалната школа за Секцијата на жени при САДУ. Тридневното дружење и учење ги собра членките на синдикатот околу идејата дека женскиот глас во синдикатот не е придружна, туку водечка сила на промената.
Школата започна со воведно излагање на претседателот на САДУ, Благоја Ралповски, при што беа претставени структурната поставеност на синдикатот, начините на делување, целта и визијата како заедничка основа за идната работа на Секцијата.
Свое излагање имаше и претседателката на Секцијата на жени при САДУ, д-р Билјана Богданова-Смилевска, која ги поттикна членките да не бидат публика, туку соосновачки на Секцијата. Го претстави патот на жените во синдикалното движење, од првите борби за достоинствен труд до денешното учество во креирањето политики и донесувањето одлуки. Акцент беше ставен на активните улоги на жената во синдикатот и на тоа дека синдикалното лидерство е патека на континуиран развој, на која секоја членка може да прерасне од учесничка во креаторка на промените.

Темите синдикално организирање и лидерство, како и колективни преговори и социјален дијалог, ги презентираше и продлабочи проф. д-р Лазар Јовевски каде членките имаа можност да се запознаат со клучните алатки за ефективно синдикално делување и преговарање.

Проф. д-р Лазар Ѓуров ги обработи лидерството базирано на вредности и тимското лидерство, со осврт на пречките што можат да се појават во тимската работа. Низ интерактивен пристап, учесничките размислуваа за личната одговорност, управувањето со емоциите и конфликтите, самоконтролата и асертивната комуникација, како и за искуственото учење и личниот развој. Пораката беше јасна: лидерството започнува од самоспознавањето и од подготвеноста да се преземе одговорност за сопствените реакции и постапки.


Со оваа активност, САДУ продолжува да инвестира во едукација и во градење силно, современо и инклузивно синдикално лидерство. Кога жените се слушнати, заштитени и вклучени во одлучувањето, синдикатот е посилен. Силни жени – силен синдикат!















