(Скопје, 15.08.2013 година)
По презентација на нацрт Студијата за преминот на младите на пазарот на трудот во Република Македонија која ја организираше Меѓународната организација на трудот (МОТ) во почетокот на јули 2013 година во Скопје, излезе конечната верзија на истата и таа е достапна за синдикатите но и за другите социјални партнери со цел креирање на соодветни социјални политики за вработувањето на младите.
“Младоста е клучен период од животот кога младите луѓе почнуваат со реализација на своите желби, треба да се стекнат со економска независност и да си го пронајдат своето место во општествениот живот. Глобалната криза ја зголеми ранливоста на младите во поглед на поголема невработеност, послаб квалитет на работните места, поголема нееднаквост на пазарот на трудот меѓу различни групи на млади луѓе, подолг и понесигурен премин од образование на работа и поголема оддалеченост од пазарот на трудот,” се вели во предговорот на оваа студија.
Со цел да им помогне на земјите членки во градењето на база на знаење за вработувањето на младите и креирање на подобри политики, МОТ создаде методологија наречена Анкета за преминување од училиште кон работа која се спроведува во 28 земји во развој. Во Република Македонија истата е спроведена од страна на Државниот завод за статистика во 2012 година и добиените статистички податоци се основ за изготвување на студијата за преминот на младите на пазарот на трудот.
Податоците покажуваат дека невработеноста кај младите е мошне висока, имено едно од две млади лица од работната сила на РМ се невработени. Младите на возраст од 15 до 29 години претставуваат 28% од работоспособното население во земјата. Од нив најголемиот процент 51,2% се со завршено средно образование, 32,3 % се со завршено основно образование, 14,3% се со завршено високо образование, додека 2,2% воопшто немаат завршено образование. Исто така истаржувањето покажува дека само 21% од младите се вработуваат веднаш после завршување на школувањето, додека 51% чекаат вработување две години.
Невработеноста на младите е голем национален проблем, но исто така треба да се земе во предвид и квалитетот на работата што се нуди на младото население. Се поставува прашањето дали работата ги обезбедува неопходната плата и сигурност што би му овозможила на младиот македонски граганин да биде финансиски независен и самодоволен како би можел да ја гради својата иднина.
Со оваа студија се добиваат мошне корисни податоци кој се појдовна точка и добра основа за градење на национални политики насочени кон полесно вклопување на младите на пазарот на трудот и кој ке им помогнат на државните институции и на социјалните партнери за унапредување, евалуација и развој на актуелните политики и мерки за вработување на младите кој се содржани во Националната стратегија за вработување 2011-2015 година и соодветниот Национален акциски план за вработување на младите 2013-2015 година, насочени кон младите од 15-29 годишна возраст.
Публикацијата ,,Преминат на младите мажи и жени на преминот на трудот во Република Македонија,, отсега ќе биде достапна за сите заинтересирани членови на веб страната на САДУ во делот “Синдикална библиотека”.







