(Загреб, 16-20.04.2013 година)
Од 16-20 април 2013 година во Загреб, Хрватска, се одржа регионална работилница организирана од Програмата ,,People 2 People,, на Европската Комисија во соработка со Европската Конфедерација на Синдикатите, на која учествуваа претставници на синдикатите од Западен Балкан.
На работилницата насловена како ,,Синдикатите од Западен Балкан и Евро Интеграциите,, во четиричлената делегација на КСС свое учество земаа и двајца претставници од Синдикатот на администрацијата и државната управа на Македонија – САДУ.
Делегацијата на САДУ на овој настан беше дел од работната група за трудовата легислатива во земјите од Западен Балкан кој сеуште не се членки на ЕУ и даде свој придонес преку видео презентација за општата политичка и социјална ситуација во Република Македонија, со посебен осврт на состојбите на пазарот на трудот и процесот на ЕУ интеграциите на Р.Македонија.
Настанот го отвори Г-дин Питер Зајденек, висок претставник на Европската Конфедерација на Синдикатите (ETUC) кој појасни дека овој проект е предложен од страна на ETUC и дека оваа работилница е прва од циклусот на 4 работилници кој е планирано да се одржат во периодот помеѓу 2013-2014 година со цел да ги поддржи синдикалните организации во Србија, Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово во процесот на евроинтеграциите и прифаќањето на европските стандарди. Овој проект треба да им овозможи на синдикатите да ја одиграат својата улога во процесот на европската интеграција, како релевантни партнери на Владата и на Европската Комисија.
На настанот свој придонес дадоа локални експерти од синдикатите на Словенија (како членка на ЕУ) и Хрватска (која ќе стане полноправна членка на ЕУ од 1 јули оваа година), кој ги споделија своите искуства на патот кон евроинтеграциите и улогата на синдикатите во социјалниот дијалог и усогласувањето на правната (трудовата) регулатива со правото на ЕУ.
Потоа свои излагања и презентации за општата политичка и социјална ситуација во своите држави, за трудовата легислатива и за бипартитниот и трипартитниот социјален дијалог и индустриските односи во своите држави дадоа претставниците на синдикатите на Македонија, Србија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина. Преку оваа работилница синдикатите од земјите во Западен Балкан кој сеуште не се членки на Европската Унија разменија искуства и добри практики со своите колеги од Хрватска и Словенија на патот кон Европските интеграции.







